Јапонскиот премиер Фумио Кишида во вторникот ја започна долгоочекуваната посета на Вашингтон, со цел зајакнување на одбранбените врски меѓу двете држави на Пацификот наспроти кинеските амбиции во регионот.
Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот го пречека јапонскиот премиер Фумио Кишида во Белата куќа, пред официјалната државна посета којашто ќе започне во средата. Кишида, придружуван од неговата сопруга Јуко, е првиот јапонски лидер кој ја доби честа за државна посета на Вашингтон по Шинзо Абе во 2015 година.
Џил и Џо Бајден прво ја пречекаа брачната двојка Кишида во Белата куќа пред почетокот на вечерата во ресторан во богатиот кварт Џорџтаун во главниот град на САД. Сопругата на американскиот претседател притоа рече дека посетата ќе го „прослави успешното пријателство меѓу САД и Јапонија“.
Државната посета на јапонскиот премиер формално ќе започне во средата во Белата куќа со голем пречек со кој вклучува воени оркестри, по што ќе следи средба во Овалната соба, заедничка прес-конференција меѓу Бајден и Кишида во градината на розите и гала вечера. Во четврток, Кишида ќе се обрати до двата дома на Конгресот пред тој и филипинскиот претседател Фердинанд Маркос заедно да се сретнат со Бајден.
Според некои американски медиуми, Бајден и Кишида во текот на оваа државна посета би можеле да договорат значајна трансформација на заедничките одбранбени структури на двете земји. Околу 54.000 американски војници се стационирани во Јапонија. Целта е Токио да ги направи своите вооружени сили поагилни во случај на криза, особено во случај на инвазија на Пекинг на Тајван, според експертите.
Пред неговата посета на Белата куќа, Кишида во вторникот положи венец на националните гробишта во Арлингтон и ја посети американската Стопанска комора каде што се состана со претседателот на американскиот технолопки гигант „Microsoft“, Бред Смит.
Посетата на јапонскиот премиер на Вашингтон доаѓа откако Бајден минатиот месец објави дека се противи на планираната продажба на американскиот гигант во секторот метали „US Steel“ со седиште во Питсбург на јапонски „Nippon Steel“, откривајќи значителен јаз во партнерството додека двајцата лидери се обидуваат да го зајакнат.
Во најавата за неговото противење, Бајден тврдеше дека САД треба да ги „одржат силни американските компании за челик“. „Nippon Steel“ објави во декември дека планира да купи „US Steel“ за 14,1 милијарда долари, предизвикувајќи загриженост за тоа што трансакцијата може да значи за работниците, синџирите на снабдување и националната безбедност на САД. Шигео Јамада, јапонскиот амбасадор во Вашингтон, одби да коментира дали Кишида ќе разговара со Бајден за договорот за аквизиција на „Nippon Steel“ во „US Steel“.
Бајден настојуваше да стави поголем фокус на надворешните политики на Пацификот, дури и кога се бореше со последиците од руската инвазија на Украина и конфликтот меѓу Израел и Хамас. Минатата година Бајден ги собра Кишида и јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол на претседателски собир во Кемп Дејвид, историски самит меѓу лидерите на двете азиски земји кои имаат тешка заедничка историја.
Американската администрација е задоволна од силната поддршка на Јапонија за Украина. Токио е еден од најголемите донатори на Киев од руската инвазија во февруари 2022 година, а Јапонија под притисок на Вашингтон изминатите годни донесе измени на повоениот пацифизиран устав менувајќи го статусот и употребата ан своите вооружени сили и ги зголеми трошоците за одбрана поради загриженоста за растечката воена самоувереност на Кина.
Пентагон во понеделникот објави дека САД, Велика Британија и Австралија размислуваат да ја вклучат Јапонија во партнерството AUKUS, групација основана во 2021 година како своевиден воен блока спротисавен на таканаречената закана од кинеските аспирации на Пацификот, чијашто првична цел е да ја опреми Австралија со подморници на нуклеарен погон и конвенционално оружје. Овој потег тогаш предизвика тензии со сојузникот во НАТО – Франција, откако Канбера го откажа договорот за набавка на десетина француски конвенционални подморници тежок 60-ина милијарди долари.
Пекинг го осуди пактот AUCUS, за кој предупредува дека поттикнува спротиставувања и може да доведе до воен конфликт во регионот. Кинеското Министерство за надворешни работи во вторникот го изрази својот приговор за можна нова улога на Јапонија во овој безбедносен сојуз предводен од САД.