Апостолов: Околу 700 неготинчани се вработија во германскиот гигант Дрекслер-Маер

Градоначалникот на Општина Неготино, Ванчо Апостолов, денеска истакне дека дека се реализирани дел од ветените проекти, и потсети за планираните активности во тековната година.

Тој посочи дека активностите течат преку паралелна реализација  на неколку проекти, при што со обезбедени средства од германската КФВ банка во тек е замената на постоечките со нови 2.600 автоматизирани водомери, по што ќе следува реконструкција на повеќе од 60 години старата и дотраена водоводна мрежа кај која е констатирана загуба на водата за пиење и до 70 отсто од количините кои доаѓаат од регионалниот водовод лукар.

„Паралелно, за задоволување на потребите на граѓаните, во функција ги ставивме и бунарите кај Пепелиште со што обезбедивме дополнителни 35 литри вода во секунда, па заедно со санирањето на неколку покрупни дефекти, обезбедивме стабилно водоснабдување што во овој период од годината резултираше со укинување на дневните редукции на водата за пиење“, ијзави градоначалникот, кој додаде дека крајна цел е преку реализацијата на сите овие проекти е долгорочно да го решиме проблемот со недостигот од квалитетна вода за пиење, а редукциите да станат минато за граѓаните на Неготино.

Апостолов појасни дека е извршено  оформување на индустриската зона Неготино на површина од околу 30 хектари со земјиште наменето за изградба на објекти од лесната и незагадувачка индустрија.

„Ја проширивме и индустриската зона Дуброво Тремник со градежни парцели на површина од над 70 хектари каде што потенцијален инвеститор ќе гради индустриски капацитет во кој се очекува да се вработат над 500 лица“, посочи тој, додавајќи дека на територијата на Општина Неготино утврдени се и понудени на продажба 28 локации за изградба на винарии и други земјоделски стопански објекти од кои 5 се веќе продадени, а има интерес и за останатите парцели.

Како позначајно, тој истакна дека иако локалната самоуправа нема директни ингеренции во делот на вработувањето, благодарение на одличната соработка со Владата на Република Македонија околу 700 неготинчани се вработија во германскиот гигант Дрекслер-Маер со тенденција овој број во иднина континуирано да се зголемува, а тоа пак резултира со рекордно ниско ниво на невработеност во општината со само околу 1.000 невработени од кои една третина се пасивни баратели на работа.

„После долги години започна комлетната реконструкција со проширување и асфалтирање на еден од најфрекфентните и најоштетени патни правци на територијата на Општината од Тимјаник до Долни Дисан во должина од 4,5 километри, паралелно градежни активности се изведуваат и на патот Курија – Паликура кој очекуваме да биде завршен до крајот на март, оваа година, а ќе се работи и на проширување на патот од Неготино до село Криволак“, рече градоначалникот.

Локалната самоуправа се погрижи и за неколку улици во градот, во населбата Градска Порта и урбаниот блок 5 се изврши поставување на водоводна, фекална и атмосферска мрежа, пробивање на улици и  нивна подготовка за асфалтирање, а во селото Тремник ќе започнат работите на примарната фекална мрежа со завршување на уште два од постоечките три крака, како и изградба на одводен колектор долж целата траса од околу 3.000 метри.

„Како локална самоуправа во соработката со надлежните државни институции водиме континуирана грижа за подобрување на условите за одвивање на образовно-воспитниот процес“, додаде тој, појаснувајќи дека постојано се инвестира во образовните институции во градот.

Следејќи ја владината политика за стимулирање на наталитетот, меѓу првите во Македонија Општина Неготино ја донесе и веќе пет месеци ја спроведува во пракса одлуката за доделување еднократна финансиска поддршка од 7.000 денари за секое новородено дете, а се субвенционираат и дел од комуналните сметки на домаќинства кои се корисници на право на социјална помош.

Локалната самоуправа во изминатиот период даваше континуирана поддршка на археолошките истражувања кои паралелно се одвиваат на неколку локации, а продолжи и трендот на давање финансиска поддршка на спортските клубови,  поединци и одржување на разни спортски манифестации.

Апостолов посочи дека ќе работат во полза на граѓаните кои им ја дадоа довербата и во следниот период.