Шефицата на Канцеларијата на Еропската унија во Приштина Наталија Апостолова најави дека Косово може да очекува помош од Брисел за справување со епидемијата на Ковид-19 во висина од 160 милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на Твитер по денешните разговори со косовската министерка за економија Розета Хајдари и министерот за финансии Бесник Бислими, Апостолова најави дека помошта може да се реализира во наредните два до шест месеци.
– Разговарав денеска со министрите Розета Хајдари и Бесник Бислими за натамошната поддршка од ЕУ за Косово за справување со Корона-19. До 160 милиони евра можат да бидат достапни за Косово од ЕУ во наредните два до шест месеци преку макро-финансиска поддршка, поддршка на буџетот и ИПА-грантови за поддршка на приватниот сектор, земјоделството и олеснувањето на немаштијата, напиша Апостолова.