Американскиот технолошки гигант Apple е највредниот светски бренд, а го следат Google и Microsoft, покажува анализата на меѓународната консултантска куќа Interbrand, која традиционално ги рангира најсилните светски брендови.
Петта година по ред Apple и Google ги заземаат првите две места, при што брендот Apple во однос на минатата 2016 година ја заголемил вредноста за 3 отсто, на 184,2 милијарди долари, а Google за 6 проценти, на 141,7 милијарди долари.
На третото место се искачи Microsoft како еден од 16-те брендови кои оствариле двоцфрен меѓугодишен раст на својата вредност. Четврта е Coca Cola, а следат Amazon, Samsung, Toyota, Facebook, Mercedes-Benz и IBM кој ја заклучува листата на првите десет глобални брендови според финансиската вредност.
Оваа година на листата на највредните 100 светски брендови првпат се појавуваат и Ferrari на 88-то место, Netflix на 78-то и Salesforce.com на 84-то место.
Најголем процентен раст на вредноста во однос на 2016 година оствариле Facebook со 48 отсто, Amazon со 29, Adobe со 19, Adidas со 17 и Starbucks со 16 отсто.
Повеќе од половината највредни светски брендови доаѓаат од четири сектори, и тоа од автомобилската индустрија – 16, напредните технологии – 15, финансиските улсуги – 12 и стоки за широка потрошувачка – 9.
Малопродажбата е секторот кој бележи најголем раст, доколку се гледа растот на вредноста на брендовите во проценти со 19 отсто, па следува спортската опрема со 10 отсто, технологијата со 8 проценти, логистиката со 7 отсто и финансиските услуги со 6 проценти.
Вкупната вредност на најголемите сто глобални брендови изнесува 1.870 милијарди долари и во однос на 2016 година пораснала за 4,2 отсто, се наведува во анализата на Interbrand. Неговата методологија инаку се темели на три клучни показатела: финансиската изведба на стоковите марки на производите и услугите, влијанието на брендот врз изборот на потрошувачите и силата со којашто брендот придонесува на стабилноста и заработката на компанијата.