Туристичкиот промет покажа раст и во вториот квартал за 2023 година и изнесува 136 милиони долари во македонската економија, со раст од 28% споредбено со истиот период 2022 година. Двата први квартала во 2023 се со раст од 24% споредбено со претходната година. Вкупно, двата квартали за 2023 година имаат раст од 24% компарирано со периодот од изминатата година, односно 229 милиони долари прилив од туристичкиот промет во БДП-то.
„Како туризмот придонесува за економијата? Создава работни места, ја зајакнува локалната економија, придонесува за развој на локалната инфраструктура и може да помогне да се зачува природната средина и културните добра и традиции, како и да се намалат сиромаштијата и нееднаквоста. Туризмот во Северна Македонија треба да го добие потребното внимание затоа што може да биде сериозен играч во привлекување зелени инвестиции“, соопштија од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, АППТ.
Доколку го компарираме учеството на туризмот во бруто домашниот производ – БДП што во 2011 година изнесувал 0,4%, 2018 година изнесувал 2,4% додека во 2022 година изнесува 3,6%, достигнувајќи 481 милион долари. Споредбено, кај првите квартали (Q1) на приливот од туризмот 2018/2019/2020/2021/2022 година, што и покрај пандемијата која започна во 2020 година, нема забележено пад, што не може да се случи ако изостанува планирање, мерливост и евалуација на стратешките планови во АППТ. За прв пат во првиот квартал на 2023 година, туризмот во македонската економија влеал 93 милиони долари, што е за 19% повеќе од 2022 година или 41% повеќе од 2019 година.
„Упатувам силна и оптимистичка порака за остварување на целта од 530 милиони долари од македонскиот туристички сектор во домашната економија за 2024 година. Меѓуинституционалната соработка, инклузивноста на приватниот сектор и јакнење на капацитетите ги мобилизираат сите засегнати страни и го прават туризмот катализатор на позитивни промени. Реархитектуирањето на македонскиот туристички сектор мора да се случи во наредниот пет годишен период, а дотогаш да се постигнат целите за 2025 година од 3,7 милиони ноќевања, 600 милиони долари од туризмот или повеќе од 4% во БДП, повеќе од 45.000 вработени во туристичко-угостителската дејност“, истакна директорот на АППТ, д-р. Љупчо Јаневски.