21.8 C
Skopje
сабота, ноември 2, 2024

Април-месец на улична правда во Македонија

Стартот од овој месец на владината мерка, минимална плата од 18.000, уште повеќе го вжешти незадоволството кај повеќе категории граѓани, меѓу кои хронично болни, професори, негувателки, административци, поштари...

Започна месецот на штрајкови и протести во државава. Незадоволството кај граѓаните секојдневно расте поради притисокот од економската криза, растечката инфлација и цените, од една, и ниските плати од друга страна со кои се потешко се преживува.

Стартот од овој месец на владината мерка, минимална плата од 18.000, уште повеќе го вжешти незадоволството кај повеќе категории граѓани, меѓу кои хронично болни, професори, негувателки, административци, поштари…

Денеска на протест пред Владата излегоа родителите на деца со посебни потреби, кои бараат зголемување на посебниот додаток кој е од 4.300 до 5.000 денари и е ист веќе 14 години. Причината е што тие пари им се недоволни поради зголемените трошоци за живот, а истовремено мораат да набавуваат лекарства од странство.

На маргините на државата се чуствуваат и болните од ХИВ. Вчера повеќе граѓански зруженија од земјава се собраа на протест пред Владата и Министерството за здравство, затоа што го намален здравствениот фонд за лекување на овие болни за 40 отсто. Тие реагираат дека, МЗ секоја година крати по 10 отсто од буџетот за повеќе превентивни програми за ранливи групи граѓани со разни болести поради што станува невозможно нивното натамошно лекување.

После повеќе неуспешни обиди со преговори да се дојде до решение, синдикатот на вработените во образованието, СОНК, најави штрајк на просветарите и вработените во градинките, кој треба да почне на 11 април, в понеделник. Тие бараат зголемување на сите плати за 18,4 отсто и дополнително усогласување на минималната плата со колективните одговори донесени во образование. Од Владата рекоа дека Буџетот нема доволно пари и дека ќе ги казнува вработените во градинките ако не ги примаат децата.

Илјадници вработени во управата и во правосудството за в четврток и в петок најавија прекин на работата од два часа, од 10 до 12 часот, барајќи исплата на минимална плата и линеарно зголемување на платите на сите вработени за 2.806 денари. Протестот го најави синдикатот на УПОЗ, според кој, во 95 проценти од институциите, се исплаќа плата под минималната, а во останатите пет проценти се исплатила само минимална плата, без стаж.

И вработените во Македонска пошта најавија генерален штрајк на 14 април. Според нивниот синдикат, причината за оваа одлука е неизвесната иднина на над 2200 вработени и зачувување на нивните работни места, како и неоствареното барање за линеарно зголемување на платите од 3.000 денари. Вработените тврдат дека платите не им се зголемени повеќе од 30 години. Бараат итно линеарно зголемување како и редовна плата и нова систематизација.