Апсење на десничари низ Германија, планирале упад во парламентот и државен удар

Дваесет и пет лица се уапсени во рации низ Германија под сомнение дека подготвувале државен удар.

Како што јави Би-би-си, германските медиуми пишуваат дека екстремни десничари и поранешни припадници на војската планирале да го нападнат парламентот и да ја преземат власта.

Седумдесет и едногодишниот Германец, кој се вика принцот Хајнрих Осми, е идентификуван како мозокот на операцијата.

Меѓу уапсените има и членови на екстремистичкото движење „Граѓаните на Рајхот“ (Рајхсбургер), кои извесно време се на полицискиот радар поради насилни испади и расистички теории на заговор. Членовите на тоа движење исто така одбиваат да ја признаат современата германска држава.

Според извештаите, околу 50 лица се обвинети дека се членови на група која планирала да ја укине републиката и да ја замени со нов државен поредок, по моделот на Германија во 1871 година.