Арапската лига бара прекин на воените операции во Газа и хуманитарни коридори

Челникот на Арапската лига во понеделникот побара „веднаш да се прекинат воените операции“ во Појасот Газа и да се воспостават хуманитарни коридори за помош на тамошното население, на десеттиот ден од војната меѓу Израел и радикалното палестинско исламистичко движење Хамас во кој досега се убиени илјадници луѓе.

„Бараме моментален прекин на воените операции и отвирање на безбедни коридори за помош на населението, за транспорт на основните продукти, опрема и спасување на ранетите“, изјави Ахмед Абул Гајт на состанокот на министрите за правосудство на арапските земји во ирачката престолнина Багдад.

Од 7-ми октомври ненадејниот напад на Хамас врз Израел и израелското одмазничко бомбардирање на палестинската енклава Појасот Газа со која владее радикалната група зад себе оставија илјадници мртви и милион раселени на двете страни.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, непосредно пред изјавата на Гајт, порача дека во оваа фаза „нема прекин на огнот“, алудирајќи на офанзувните операции на израелските сили во Газа против Хамас.

Многумина Палестинци побегнаа од жестоко контиуирано бомбардираниот северен дел на Појасот Газа, додека Израел во понеделникот продолжи со трупањето сили на границата со палестинската територија, подготвувајќи се за најавената копнена офанзива.

„Окупациската војска од самиот почеток објави дека во Газа не може да влезе ниту храна, ниту вода, ниту гориво, лишувајќи ги така Палестинците од нивните основни потреби и отворајќи пат за етничко чистење“, рече Гајт.

Според податоците на агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци (UNRWA) во Појасот Газа во моментов се одигрува „хуманитарна катастрофа без преседан“.

Во неделата Ахмед Аул Гејт и шефот на Комисијата на Африканската унија, Муса Факи, предупредија дека копнената офанзива којашто ја подготвува израелската војска „би можела да резултира со геноцид од невидени размери“.