Арапските држави го отфрлаат планот на Трамп за Газа

Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати му порача на американскиот државен секретар Марко Рубио во понеделникот дека арапските држави ги поддржуваат Палестинците во отфрлањето на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на населението од Газа и преземање контрола врз енклавата.

Египетското Министерство за надворешни работи во соопштението наведе дека Абделати за време на состанокот во Вашингтон ја истакнал важноста од забрзување на обновата на Газа додека Палестинците ќе останат во областа.

Абделати рече дека со нетрпение очекува да работи со новата американска администрација за да се постигне „сеопфатен и праведен мир и стабилност во регионот“, се вели во соопштението.

Секој предлог Палестинците да ја напуштат Газа, која ја сметаат за дел од нивната идна независна држава, отсекогаш бил неприфатлив за палестинското раководство, а соседните арапски држави го отфрлале од почетокот на војната во Газа.

Египетското Министерство за надворешни работи, исто така, во понеделникот истакна дека меѓународната заедница треба да застане обединета со Палестинците за да ја „исправат историската неправда“ и „да ги потврдат нивните легитимни и неотуѓиви права“.

Планот на Трамп наиде на глобална осуда, а регионалните и светските челници предупредуваат дека таквиот потег може да ја загрози стабилноста во регионот. Во извадоци од интервју за Fox News во понеделникот, Трамп изјави дека на Палестинците нема да им се овозможи враќање во Газа по нивното раселување од енклавата.