Арапските и муслиманските министри повикаа на итен прекин на огнот во Газа во текот на посетата на Пекинг, првата од петте земји што ќе ги посетат во обид да преговараат за прекин на непријателствата и влез на хуманитарна помош во опустошената палестинска енклава.
Делегацијата треба да посети пет земји постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, а исто така го засилува притисокот врз Западот да го отфрли израелското оправдување за неговите постапки против Палестинците како самоодбрана. Во делегацијата, меѓу другите, се и претставници на Саудиска Арабија, Јордан, Египет, Индонезија, Палестина и на Организацијата за исламска соработка.
„Тука сме да испратиме јасен сигнал: односно веднаш да ги прекинеме борбите и убиствата, мора веднаш да доставиме хуманитарни материјали во Газа“, изјави саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд.
Вонредниот заеднички исламско-арапски самит во Ријад овој месец, исто така, го повика Меѓународниот кривичен суд во Хаг да ги истражи „воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од Израел“ на палестинските територии.
Саудиска Арабија се обиде да изврши притисок врз САД и Израел да ги прекинат непријателствата во Газа, а престолонаследникот Мохамед бин Салман, де факто владетел на кралството, ги собра арапските и муслиманските лидери за да ја засилат таа порака.
Амбасадорката на Израел во Пекинг, Ирит Бен-Аба, им изјави на странските новинари на брифингот во понеделникот дека се надева дека „нема да има изјави за прекин на огнот од оваа посета, сега не е време“. Рече и дека Израел се надева оти делегацијата ќе разговара за заложниците заробени од Хамас „и ќе повика на нивно итно ослободување без услови“, додавајќи дека вклучените страни треба заедно да разговараат за „улогата на Египет во олеснувањето на хуманитарната помош“.
„Брат и пријател“
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека Пекинг е „добар пријател и брат на арапските и муслиманските земји“ и дека „секогаш цврсто ја поддржувал праведната кауза на палестинскиот народ да ги врати своите легитимни национални права и интереси“.
Од почетокот на непријателствата, кинеското Министерство за надворешни работи постојано не го осудува Хамас, повикувајќи наместо тоа на деескалација и Израел и Палестина да бараат „решение со две држави“ за независна Палестина.
Ванг во понеделникот додаде дека Кина ќе работи на „ставање крај на борбите во Газа што е можно поскоро, ублажување на хуманитарната криза и промовирање брзо, сеопфатно, праведно и трајно решение за палестинското прашање“.
Специјалниот претставник на Кина за Блискиот исток, Џаи Јун, ангажираше претставници од Израел и Палестинската самоуправа, која владее со окупираниот Западен брег, како и од Арапската лига и Европската унија во текот на изминатата година да разговараат за решение и признавање на две држави. на Палестина во Обединетите нации.