Арапските земји во писмо до САД се противат на раселувањето на Палестинците од Газа

Петмина арапски министри за надворешни работи и еден висок палестински функционер испратија заедничко писмо до американскиот државен секретар Марко Рубио во кое се противат на планот за раселување на Палестинците од Газа, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на јануари.

Писмото е испратено во понеделникот, а потпишано е од министрите за надворешни работи на Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, како и советникот на палестинскиот претседател Хусеин ал-Шеик.

Писмото првпат го објави американскиот портал Axios, кој вели дека шефовите на дипломатиите се сретнале во Каиро викендов.

Трамп првпат предложи на 25-ти јануари Јордан и Египет да ги прифатат Палестинците од Газа. На прашањето дали тоа ќе биде краткорочно или долгорочно решение, претседателот тогаш одговори дека „може да биде кое и да е“.

Коментарите на Трамп ги одразуваат долгогодишните стравови на Палестинците дека тие би можеле трајно да бидат протерани од своите домови, при што критичарите го опишуваат предлогот како етничко чистење. Јордан, Египет и други арапски земји се спротивставија на предлогот.

„Реконструкцијата на Газа треба да се случи со директен ангажман и учество на народот на Газа. Палестинците ќе живеат во нивната земја и ќе помогнат во нејзината обнова… И тие не треба да бидат лишени од способноста да дејствуваат за време на реконструкцијата бидејќи тие мора да ја преземат контролата врз тој процес со поддршка на меѓународната заедница“, се нагласува во писмото..

Во израелскиот воен одговор на бруталниот смртоносен упад на движењето Хамас во јужен Израел анскиот октомври, во Појасот Газа убиени се повеќе од 47.000 Палестинци а речиси целото 2,4-милионско население на енклавата беше повеќепати раселувано и потиснувано кон границата со Египет. Дел од меѓународната заедница поради тоа го обвинува Израел за геноцид и воени злосторства, што Израел ги негира.

Борбите во моментов се прекинати благодарение на кревкиот прекин на огнот.

Последната ескалација во повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт беше предизвикана на 7 октомври 2023 година, кога палестинските милитанти на Хамас го нападнаа Израел, убивајќи 1.200 и киднапирајќи околу 250 луѓе, според израелските податоци.