Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми денеска во Тирана на маргините на регионалната конференција на тема „Улогата на парламентите во Берлинскиот процес“ имал одвоена средба со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани.
Адеми во разговорот, како што соопшти собраниската прес-служба, информирал за актуелните случувања во Северна Македонија во контекст на развојот на нашите евроинтегративни процеси. Истакнал дека заедно со Албанија сме на истиот пат за зачленување во ЕУ.
Министерот Хасани информирал за претстојниот Самит на Берлинскиот процес во Тирана што ќе се одржи на 16 октомври, на владино ниво. Изразил поддршка за вклучување на парламентите од Западен Балкан во овој процес, кој, како што навел, претставува важна платформа за партнерство, помирување и регионална соработка на земјите од Западен Балкан, во рамките на ЕУ.
– Заедничка беше констатацијата дека двете земји развиваат пријателски односи на сите полиња и дека нема пречки тие да продолжат и во рамките на Берлинскиот процес, стои во соопштението.