АРЕА подготвени за акустичното, музичко уживање во Филхармонија

19 и 20 април се датумите резервирани за двата акустични, последователни концерти на рок-групата „Ареа“. Концертите се закажани во Филхармонија, а членовите на групата најавуваат акустична музичка магија и патување низ нивната 30-годишна музичка кариера.

Вакви два концерти „Ареа“ одржа и во 2010 година во Универзалната сала, а интересно е што овој пат на сцената друштво ќе им прават четири девојки кои се членки на Филхармонија.

– Со нас ќе настапат уште четири девојки кои се членки на Филхармонија – две на виолина и две на виолончело. Така ќе се претставиме со сосема нов аранжман на музика, којшто се разликува од оние кои ги слушала публика на нашите концерти во живо, вели Ружица Милошеска-Брчиоска и додава дека со оглед на тоа дека Ареа постои 31 година и зад себе имаат седум албуми на сцената ќе има музика за сечиј вкус.

Дека двата најавени концерти ќе бидат поразлични потврдува и Ивица Брчиоски, гитарист на групата „Ареа“ кој вели дека концертот ќе биде интересен затоа што аранжманите се комплетно изменети и се адаптирани на оркестарот со кој ќе свират.

– Станува збор за акустични аранжмани. Нема да има електрични гитари и ќе звучи сосема различно од она што до сега го слушнала публиката. Ќе биде интересно за слушање, вели Брчиоски.

Првиот концерт закажан за 19 април е одамна распродаден, додека за вториот, саботниот, се останати уште многу мал број билети и истите може да се набават преку продажната мрежа на „MKTickets“. Концертот е во организација на „Фреш јунион“.