5.8 C
Skopje
сабота, декември 28, 2024

Јаревски: Бараме поништување на ДУП-от што предвидува изградба на нова населба на Водно

Позициите јасно се исцртани. На една страна е СДСМ и урбаната мафија, кои се за бетонизација на Карпош и Скопје, на друга страна е ВМРО-ДПМНЕ со граѓаните, ова денеска преку „коментар на денот“ го истакна Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Планот на Богоев за градење на нова населба на падините на Водно над населбата Козле ќе значи уништување на ново зеленило и узурпација на планината, во ерозивно подрачје, во кое не е препорачлива градба, таму има опасност од појавување на свлечишта. Богоев не само што ги става во опасност можните инвеститори кои би изградиле свој дом таму, туку и ги става во опасност и жителите на Козле кои исто така би биле погодени од евентуелни свлечишта на тој потег. Оттука денеска поднесовме жалба до Второстепената комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работни односи во втор степен, градоначалникот на Карпош и Министерството за животна средина за поништување на Одлуката за ДУП за градска четврт ЈО4, со цел заштита на граѓаните, Водно и животната средина, вели Јаревски.

Тој додава дека во жалбата прецизно наведовме најмалку 11 недоследности, нелогичности и противречности со законските и подзаконски акти. Било која од нив е доволна причина и основа за поништување на Одлуката.

-Прашањето е која причина е толку голема што токму сега и на овој начин СДСМ и Богоев решиле да го протуркаат овој урбанистички план? Изминати се 6 години и 3 месеци, период кој е премногу долг, за да се продолжи со постапката за овој ДУП имајќи ги предвид бројот на измени во законот за животна средина, како и екпспанзијата на градот во период од 6 години, зголемениот сообраќај, бројот на жители, загадувањето на воздухот итн. Овој период од носењето на одлуката до нејзиното објавување е спротивен и на членот 65 став 10 од Законот за животна средина и со тоа објавата на одлуката е незаконска. Стефан Богоев и СДСМ не добија мандат за бетонизирање на Карпош и Водно. Потребно е спроведување на ревизија на сите постоечки урбанистички планови во еден сеопфатен и целосно транспарентен процес во кој животната средина и интересите на граѓаните ќе бидат запазени и целосно заштитени. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе биде на страната на граѓаните. Затоа Ве повикувам да ни се придружите на Протестот утре 5 jуни во 12 часот, на раскрсницата помеѓу улиците Брадфордска и ул.Козле заедно да го изразиме нашиот револт од лажните и неисполнети ветувања на СДСМ и да побараме итно поништување на Одлуката за овој урбанистичкиот план, потенцира Јаревски.