Јаревски кон Бочварски: Постапете согласно законот, ДУП-от за Карпош, за дел во Злокуќани не е во корист на граѓаните

Пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања постави прашања во врска со урбанистичкиот план во општина Карпош или дел кој се наоѓа во Злокуќани, како и за Аквадуктот во Скопје.

Првото прашање беше упатено до министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, односно за тоа дали ќе постапи согласно надлежностите и ќе почне постапка за поништување на спорниот ДУП од општина Карпош или како што рече да почнат постапка пред Уставен суд, додаде уште едно потпрашање на темата, те. дали ќе постапи согласно законот и ќе ги одземе лиценците на планерот на соодветниот ДУП.

„Неодамна СДСМ заедно со Левица усвоија многу спорен ДУП во еден дел од Злокуќани, немам намера да оптоварувам колку е спротивно на концептот на хумана урбанизација што ние го застапуваме, немам намера да зборувам за штетите што се прават бидејќи не е планирано училиште, ниту градинка, нема тротоари. Ниту ќе одам во детали за фирмата која се појавува во сите ДУП-ови и се потврдува тезата за спрегата со СДСМ“, рече Јаревски. За сето ова, укажа пратеникот, што се случува во општината има конкретни документи и додаде дека нема да се дозволат вакви дејствија кои не се во корист на граѓаните, туку на поединци.

Пратеникот постави прашање и до министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во врска со Скопскиот аквадукт.

„Имате ли намера да го заштитите културното наследство, прашувам конкретно за Аквадуктот или и вие ќе се фатите на орото на СДСМ со градежната мафија. И овој случај е поврзан со општина Карпош. Според информациите се прават обиди за заобиколување на законот или има одлука за заштита на Аквадуктот, но тоа не е во планот на СДСМ. Не се заинтересирани за истата бидејќи има и одлука со која се одобрува да се продава тоа земјиште. Инаку таму не е за градење згради, тоа се парцели кои треба да се заштитени да бидат заштитени како културно наследство“, посочи Јаревски.