Јаревски: Нетранспарентноста во постапката, може да произведе корупција, затоа побаравме увид во договорот со „Бехтел и Енка“

Крајно легитимно е тоа што побаравме увид на договорот за градење на коридорите 8 и 10д со американско-турскиот конзорциум и нема никаква логика барањето да биде одбиено, истакна во четвртокот вечерта пратеникот Тони Јаревски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „Објектив“ на МРТ.

„Добро ќе биде да го видиме договорот, бидејќи таму има работи што навистина загрижуваат“, рече Јаревски.

Посочи дека предлог законски измени се поднесени од пратеници, а не од Владата, министрите или премиерот.

„Зошто е проблемот толку голем со овие законски измени. Во најголем дел истите се насочени кон суспендирање на државата и институциите, бидејќи нема потреба од барања, одобренија и постапки за градби“, рече Јаревски.

Дециден е дека нетранспарентноста секогаш по дефиниција продуцира корупција и во нетранспарентни вакви услови се појавува форма на корупција.

„Не може без постапка да се прави што се сака. Мора да се знае што се случува. Тоа не е заради последиците кои сега ќе ги имаме, бидејќи договорот веќе има правни последици“, кажа Јаревски.

Псочи и дека кога договорот е таков како што е склучен, тогаш евтини кредити нема да даде ниедна меѓународна институција и тогаш на државата ѝ проастанува свртување кон скапите обврзници.

„Сега имаме проблем бидејќи со самиот договор за надзор покрај сите оние карактеристики што ги има типичен договор за надзор бидејќи таму има доделено серија на функции и улоги кои се неприродни во нормални услови на функционирање. Една од нив беше преку формата на консултантски услуги надзорот да има улога на преговарач“, рече Јаревски.