![vlada-1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/12/vlada-1.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
„Целиот проблем настана со потпишувањето на договорот, сега се справуваме со последиците. Ќе видиме дали блокирањето или некој друг модел е најдобриот начин, пристап, како да се обидеме оваа катастрофа да ја спречиме. Јас вчера објавив дека оваа власт е на национални штетници. На знам со која фраза да ги опишам после ова разграбување на државата што го прават на институциите, и погазување врз достоинството на граѓаните. Зошто го велам ова? Ако се сеќавате ВМРО-ДПМНЕ го лоцираше проблемот уште на почетокот со тендерот на надзор.
Не случајно бевме толку загрижени, толку директни и толку концизни, конкретни по однос на тој проблематичен тендер“, истакна Тони Јаревски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во утринската емисија на радио „Лидер“ говорејќи за спорниот надзор на Коридорите 8 и 10Д и договорот помеѓу Владата и „Бехтел и Енка“.
Јаревски додаде дека со договорот за надзор на „Бехтел и Енка“ им се даде можност односно улога да преговара за условите на договорот. Владата само го потпиша договорот. И не случајно е тоа, бидејќи истиот тој договор сега се крие.
„Сега имаме ситуација во која што имаме договор од 400-тини страни, што го направиле нашите „фантастични“ преговорачи за две недели, при што не знаеме детали што се има. Имаме договор од кој што излегоа само неколку страници во јавноста и за кои што сега имаме згрозеност, вџашеност од тоа што се би можело да бидат последици. И тие последици ќе се ревидираат со 9 законски решенија“, рече пратеникот.
Тој посочи дека поради неспособната и неодговорна Влада страдаат граѓаните и државата. Власта при својот демант не го приложи договорот, туку се уште го крие од пратениците и од јавноста.
„Произлегуваат пенали, 53 милиони евра мислам дека беше еднократно, 900.000 евра месечно и плус уште милион и 260.000 ако не ги смениме од 40 до 60 часа работно време, ако не ги направиме луѓето робови да работат и ако не направиме услови кои што тие ги бараат“, нагласи Јаревски.