Аргентина ја девалвира валутата за 50 проценти за да ја заузда инфлацијата од 140 отсто

Владата на претседателот Хавиер Милеи, со либертаријанска политичка определба, кој неодамна од тотална анонимност се издигна до претседателската канцеларија во Аргентина, ветувајќи дека ќе го скастри прекумерното трошење, најави и намалување на дарежливите државни субвенции и стопирање на сите нови јавни градежни проекти.

Во претходно снимената видео порака, министерот за економија Луис Капуто се потруди да им ги објасни на Аргентинците причините за нивните децениски повторливи економски кризи, долгови, инфлација и фискални дефицити.

Годишната инфлација во моментов е на 140 отсто, а нивото на сиромаштија на 40 отсто во третата по големина економија во Латинска Америка.

И владината каса е празна, а Милеи постојано повторува: „Пари нема“.
Капуто рече дека земјата има „зависност“ од трошење на повеќе отколку што заработува, и дека забележала фискален дефицит во 113 од изминатите 123 години. „Ако продолжиме како што сме, неизбежно се движиме кон хиперинфлација“, рече Капуто, додавајќи дека за прв пат владата ќе се справи со проблемот „во своите корени“.

Ова е „точно за да не мораме повеќе да ги трпиме овие последици, за да не трпиме поголема инфлација, за да не трпиме поголема сиромаштија“, рече Капуто.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), на кој Аргентина му должи 44 милијарди долари, ги поздрави мерките. „Овие храбри првични акции имаат за цел значително да ги подобрат јавните финансии на начин кој ќе ги заштити најранливите во општеството и ќе го зајакне девизниот режим“, се вели во соопштението на ММФ.

Капуто објави дека девизниот курс ќе се спушти на 800 пезоси за долар, од околу 391 во последните денови, што е девалвација од нешто повеќе од 50 отсто

Аргентинската влада со години строго го контролира девизниот курс на пезосот во однос на доларот, што аналитичарите го исмеваа како скапа фикција.