Аргентина и Бразил сигурни, Уругвај фаќа чекор (ВИДЕО)

Уругвај предводен од најголемите ѕвезди Едисон Кавани и Луис Суарез ја совлада репрезентацијата на Венецуела со 4-1 и така се искачи на четвртото место на табелата во квалификациите за Светското првенство (СП) во Катар, додека синоќа триумфираа и Аргентина против Колумбија со 1-0, како и Бразил против Парагвај со 4-0.

Кавани и неговите сонародници на почетокот на 2022 година стигнаа до две победи и се на добар пат да обезбедат директен пласман во Катар. Бентакур ја затресе мрежата на Венецуела во првата минута, по што Де Араскет зголеми на 2-0 во 23. минута, а до крајот на првиот дел и Кавани стрелаше за 3-0. Распадот на противникот продолжи и во вториот дел кога Суарез погоди за 4-0, по што Мартинез го ублажи поразот во 65. минута (1-4).

Аргентина беше подобра од Колумбија со голот на напаѓачот на италијанскиот шампион Интер, Лаутаро Мартинез, додека Бразилците ја наполнија мрежата преку Рафиња, Кутињо, Ентони и Родриго.

Бразилците се први на табелата со 39 бодови по 15 одиграни меча, а на втората позиција е Аргентина со 35. По нив следат Еквадор со 25, Уругвај има 22, Перу 21, а Чиле со 19 бода е на шестото место во квалификациите.