Сите оние што се загрижени за третманот и правата на жената се непознавачи на нејзиното вистинско место во христијанството, изјави поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во обраќањето по повод големиот христијански празник во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ на Матка, пренесува Скопско ехо.
Г.г. Стефан во обраќањето рече и дека е вистинско време самопрогласените борци за правата на жените да се запрашаат како ќе се раѓаат и воспитуваат идните поколенија
-До каде ќе стигне светот со истополовите бракови и со хуруршката промена на полови? Пресвета Богородица била и останува да биде идеал за мајка. И со покажаната љубов и со трпението и со подготвеноста за страдање и подготвеноста за саможртва, рече г.г. Стефан.
-Низ изминативе 20 столетија, Мајката Божја служела за пример кого го следеле многубројни жени, кои, кога било потребно, поднесувале и најтешки страдања во име на вистината и правдата. Во календарот на Светата Црква секојдневно се спомнуваат имиња на жени кои во многу случаи биле похрабри и од мажите и поподготвени да се жртвуваат за верата и Црквата. Од жените мироносици, до бројните маченички и исповеднички, па сѐ до светлите имиња на жени и во нашите времиња, сите тие жени се потврда дека жените имаат свое рамноправно место во животот на Светата Црква, нагласи архиепископот Стефан.
Поглаварот на МПЦ-ОА на овој голем празник на Мајката Божја и ден на сите мајки, апелира до мајките:
-Продолжете да бидете достојни на благодатта со која сте дарувани ‒ да раѓате и воспитувате, да создавате и подигнувате достојни чеда за верата и за Црквата, за родот и за Татковината. Помогнете во младите семејства да се зголемат рожбите, а родените насочувајте ги на вистинскиот пат. Света, возвишена и незаменлива е улогата на жената и на мајката!, нагласи тој.