Собрани се потписите за регистрација на Европската демократска партија. Веста ја објави иницијаторот Аријанид Хоџа на својот Фејсбук-профил. Кон крајот на минатиот месец, тогашниот потпретседател на Движењето БЕСА и поранешен министер за земјоделство, Аријанид Хоџа, објави дека не се согласува со политиките на партијата и на нејзиниот лидер Билал Касами и дека ќе формира нова партија. Хоџа е против доближувањето на БЕСА до Алтернатива на Африм Гаши и Демократското движење на Изет Меџити во заеднички опозициски фронт.
Пред шест дена и Меџити објави дека собрал илјада потписи за регистрација на новата партија. Меџити беше еден од предводниците на „Огнените“, кои повеќе од една година бараа отчет од министрите на ДУИ и демократизација на партијата. Демократско движење официјално ќе биде промовирано в недела, на годишнината од Рамковниот договор. На Меџити му се придружија уште еден пратеник од ДУИ и еден независен.
Со овие две нови партии, во Собранието ќе фигурираат 7 партии на Албанците.