Македонскиот репрезентативец беше дел од тимот Динамо кој успеа да слави против “топчиите”, но сега сето тоа паѓа во втор план откако Адеми не успеал да го мине допинг-тестот. Овој фудбалер веќе го напуштил таборот на репрезентацијата и се вратил во Загреб, каде претставниците на Динамо веќе го потврдија целиот случај.
Запознаени сме со резултатите од допинг-контролата по мечот со Арсенал и дека нашиот фудбалер Аријан Адеми бил позитивен на тој тест, т.е. дека УЕФА покрена постапка против него. Според правилата, Динамо не смее да коментира додека трае дисциплинскаста постапка и додека не бидат готови резултатите од Б примерокот. Сакаме да истакнеме дека Аријан Адеми во последната година шест пати бил тестиран и секогаш бил негативен. Исто така, сите наши фудбалери од почетокот на сезонава во неколку наврати минаа допинг-тестови и сите резултати беа негативни, се вели во соопштението на веб-страницата на Динамо Загреб.
Информацијата вечерва беше потврдена и од страна на Фудбалската Федерација на Македонија, а јасно е дека по ваквиот развој на настаните Адеми ќе ги пропушти најмалку двата следни натпревари на нашата репрезентација, против Украина и Белорусија.