АРМ го потврди труењето на двајцата војници од Штипскиот гарнизон како изолиран случај

Двајца војници се пријавени во вторникот утрото со симптоми на дијареја, односно затруеност со храна, потврдија за НетПрес од службата за односи со јавноста на Генералштабот на АРМ, но според нивните сознанија станува збор за изделен случај.

Претставникот на АРМ во телефонски разговор потврди дека двајцата професионални војници утрово околу 5,50 часот се згрижени во амбулантата на Гарнизонот во Штип со симптоми на труење проследено со дијареја. По прегледот, тие биле вратени на издвоеното стражарско место, коешто поради прописите за безбедност не беше посочено.

Според нашите сознанија, станува збор за издвоената позиција „Криви дол“ којашто е физички издвоена од штипската касарна.

Од ГШ на АРМ ги негираат информациите дека сиптоми на затруеноста со храна имало кај повеќе војници, но потврдуваат оти двајца од нив се пожалиле дека здравствената состојба им се влошила.

Бидејќи на споменатиот армиски пункт има повеќе десетици војници, а сиптомите се јавиле „само кај двајца“, од АРМ се сомневаат дека станува збор за затруеност со храната којашто се приготвува во штипската касарна. Се претпоставува дека двајцата кај кои имало „ полесни симптоми“, консумирале прехранбени продукти надвор од редовното дневно следување.