Припадници на македонската армија ќе учествуваат на големата вежба на НАТО во Полска и балтичките земји, карактеристична поради најголемиот број на американски војници кои ќе учествуваат во истата, за прв пат по завршување на Студената војна, објави полското министерство за надворешни работи.
Од денеска до 15 јуни 18.000 војници од 19 држави ќе учествуваат на вежбата „Удар на мечот“ во источното крило на НАТО, а САД ќе командуваат со мултинационалниот баталјон на Алијансата во Полска, додека Канада, Велика Британија и Германија се на чело на слични баталјони распоредени во Летонија, Литванија и Естонија, каде што се одржуваа овие маневри. Америка ќе испрати повеќе од 5.000 војници на вежбите во балтичкиот регион, објави прес-службата на Белата куќа.
„Saber strike“ е редовна годишна вежба која се одржува од 2010 година, а во овогодинешната вежба се вклучени Канада, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Италија, Израел, Летонија, Литванија, Македонија, Холандија, Норвешка, Полска, Романија, Шпанија, Велика Британија и САД.
НАТО соопшти дека толку голем број на војници, еден од најголемите во Европа за американските сили од крајот на Студената војна, има за цел да ги охрабри европските земји сојузници на Вашингтон na Исток, загрижени поради честите Руски маневри во близина на нивните граници и поради украинскиот конфликт.
САД и НАТО го зајакнаа своето присуство во Полска и други земји на источното крило на алијансата по руската анексија на Крим и поддршката за сепаратистите во источна Украина.
Во мај 2017 година, американската војска формираше нов команден штаб во Полска, од каде управува со над 6.000 војници распоредени во операции на НАТО и САД во регионот. Со цел да ги зајакне своите воени врски со Вашингтон, Полска потпиша договор за купување на американскиот ракетен одбранбен систем Патриот за 4,75 милијарди американски долари (3,8 милијарди евра) во март. Русија ги осуди плановите за распоредување на овој систем во Полска и Романија, наведувајќи дека го крши стариот договор од 1987 година.
Полска недоамна побара од САД трајно да воспостават база на нивната територија за што се спремни да одвојат 2 милијарди долари.