АРМ почна со подготовка на помошта за Турција

Министерството за одбрана информира дека Армијата отпочна со подготовка и веќе упатува обучен тим за пронаоѓање и спасување во Турција.

-Тимот е составен од припадници на баталјонот за специјални сили и двајца водачи со службени кучиња обучени за трагање од командата за обука и доктрини, кои ќе го вложат својот максимум и обученост за спасување на човечки животи под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес во нашиот сојузник Туркије, информираат од Министерството.

Владата на вчерашната вонредна седница го задолжи Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош.