АРМ се приклучува на полицијата на граничните линии

АРМ се приклучува на полицијата на граничните линии. Министерството за внатрешни работи отпочна со постапување по Одлуката на Владата на Република Македонија за прогласување на кризна состојба, а во текот на денов се очекува на полициските службеници да им се приклучат и припадниците на Армијата на Република Македонија.

Како што информираат од МВР, полициските службеници се распоредени на терен, на граничната линија кон соседна Грција и постапуваат согласно наредбите и овластувањата за заштита на државната граница и обезбедување на мирот и безбедноста во пограничниот појас.

АРМ се приклучува на полицијата – се дозволува влез на лимитиран број мигранти

Во Република Македонија се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани согласно капацитетите на државата. За разлика од претходните денови кога во Република Македонија се издаваа потврди на повеќе од 1300 странски државјани на дневно ниво, во последните 24 часа тој број е неколкукратно помал, информираат од МВР.

Во периодот од 08,00 часот на 20.08.2015 до 08,00 часот денеска, издадени се потврди на вкупно 181 странски државјани, од кои, 145  се од машки пол, 17 се од женски, девет се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 10 деца кои патуваат без родител, на кои издадена е потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 148, Бангладеш – 21, Пакистан – 8, додека другите се во помал број.

Во периодот од нешто повеќе од два месеци, односно од 19.06.2015 до 21.08.2015 година во 08,00 часот, издадени се потврди на вкупно 41.595 странски државјани, од кои, 28.672 се од машки пол, 5.752 се од женски, 6.555 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 616 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

АРМ се приклучува на полицијата - се дозволува влез на лимитиран број мигранти (Фото: Вечер)
АРМ се приклучува на полицијата – се дозволува влез на лимитиран број мигранти (Фото: Вечер)

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-33.609, потоа Авганистан-2.073, Ирак-1.948, Пакистан-1.206, Сомалија-562, Палестина-560, Конго-301, Бангладеж-251, Нигерија-142, Камерун-140 Еритреја-140, Етиопија-109, додека останатите се во помал број.

Поднесени уште две барања за признавање право на азил

Како што информираат од МВР, во текот на вчерашниот ден до Одделението за азил поднесени се две барања  за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил од двајца државјани на Сирија.

Инаку, од започнувањето на издавањето на потврдите до 21.08.2015 година до Одделението за азил се поднесени 49 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 36 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.

Во Прифатниот центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 20.08.2015 година се евидентирани вкупно 11 баратели на азил, од кои 6 баратели на азил се мажи, 2 барателки на азил се жени и 3 баратели на азил се малолетни лица.

На 20.08.2015, до 17.00 часот, мобилните екипи на Црвен крст укажале прва помош на околу 125 лицa, меѓу кои 16 трудници. Интервенирано е само на Табановце.