Министерката за одбрана Славјанка Петровска во гостување на утринската емисија „Здраво Македонијо“ на „Канал 5“ телевизија, истакна дека без двоумење предложила армиските припадници да бидат упатени на помош во Словенија, исто како што било направено и за катастрофалните земјотреси во Турција.
– Немаше двоумење од моја страна како министерка да и предложам на Владата, на врховниот командант и на началникот на Генералштабот, дека треба да понудиме наша помош за поплавите во Словенија. Не затоа што сме членка на НАТО, туку затоа што солидарноста и сојузништвото е нешто кое природно и припаѓа на Армијата. Би рекла, секогаш кога некој има потреба од помош или каква било поддршка, Армијата е тука да помогне, нагласи Петровска.
Таа посочи дека споделените фотографии во јавноста од припадниците на нашата Армија, кои отидоа да помогнат во Словенија, е нешто што, како што рече, не прави горди сите нас.