Болоња ја продолжува серија без порази во Калчо лигата откако Синиша Михајловиќ се врати во болница, а денеска беше блиску до огромна победа во Торино кај фаворитот Јувентус.
Гостите поведоа со фантастичната тимска акција и мајсторска завршница на разиграниот Марко Арнаутовиќ, но попуштија дури откако останаа со двајца играчи помалку на теренот.
Арнаутовиќ погоди за 0:1 во 52-та минута и Болоња извонредно одолеваше на нападите на Јувентус, но сепак попушти откако Сумаро направи опасен старт над Мората. Судијата прегледуваше со ВАР дали се работи за пенал, но иако утврди дека станува за прекршок надвор од шеснаесетникот, сепак му додели најголема казна на Сумаро.
Покрај дефанизвецот, 30 секунди подоцна црвен картон заработи и нервозниот Гари Медел, па Болоња во неполна минута остана со 9 фудбалери на теренот.
Ова се случи во 84-та минута, па и покрај тоа што гостите издржаа со девет фудбалери до регуларните 90, проблем беше тоа што судијата покажа осум минути продолжение. Болоња на крајот потклекна и прими гол откако атрактивните „ножички“ на Мората завршија на главата на Влаховиќ, кој небранет од никого израмни на 1:1 во 95-та минута. До крајот, Болоња успеа да се одбрани и освои бод на „Алијанц стадионот“.