Фудбалерите на лондонски Арсенал се пласираа во финалето од ФА Купот откако во полуфиналето на „Вембли“ во продолжението го совладаа Манчестер Сити со 2:1.
Манчестер Сити поведе во 62 минута со голот на Серхио Агуеро, но само по девет минути „топчиите“ изедначија преку Начо Монтреал.
До крајот на мечот манчестерските „граѓани“ беа поблиску до победата, но двапати гаѓаа во конструкцијата на противничкиот гол. Во 76 минута Јаја Туре ја погоди пречката, а во 82 минута стативата ја погоди и Фернандињо.
Според непишаното фудбалско правило, промашувањата на Сити ги казни Алексис Санчез и во 101 минута го постигна конечниот резултат.
Арсенал во финалето ќе игра против Челзи кој во саботата на истиот терен го совлада Тотенхем со 4:2. Натпреварот е закажан за 27 мај, исто така, на „Вембли“.
Ова ќе биде 20-ти учество на Арсеналот во финалето од најстарото клупско фудбалско натпреварување на светот во кое досега имаат освоено 12 трофеи, додека за Челзи ќе биде 12-то финале, а досега имаат 7 титули.