Околу 100 вработени во ЈП „Водовод и канализација“ остануваат без работа, бидејќи градската власт нема да им ги продолжи договорите кои им истекуваат утре.
Ваквата одлука на градоначалничката Данела Арсовска, доаѓа откако таа го разреши директорот на ЈП „Водовод“ од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински, со обвинување дека директорот влијаел на изборот на изведувач на тендерот за пречистителна станица, вреден 160 милиони евра.
Од Кабинетот на градоначалничката ја потврдија информацијата за масовното отпуштање во „Водовод“, со образложение дека се прави ревизија зошто Перински вработил речиси 100 лица во претпријатието откако станал директор.
„По најава пред еден месец за вонредна ревизија на вработувањата кои ги склучил екс-директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје, Златко Перински покажа дека речиси 100 лица се нововработени за неколку месеци. Градот Скопје нема да толерира расипничко однесување кое претставува дополнителен товар врз буџетот во услови на економска и енергетска криза. Од тие причини се ревидира оправданоста на новите вработувања во ЈП Водовод и канализација – Скопје. Партизацијата и корупцијата е рак на македонското општество, но и на државните институции кои повеќе од 30 години се деградирани од однесувањето на одредени поединци. Нема да дозволиме средствата на граѓаните да се трошат за вдомување на партиски кадри и нема да се дозволи корупција, непотизам и остварување на лични и теснопартиски интереси, нема да дозволиме да се прави нешто што е на штета на скопјани“, посочија од Град Скопје.