Арсовска ќе формира политичка партија

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, потврди дека се подготвува да формира политичка партија. Таа синоќа во интервју во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, прашана, дали размислува за формирање на политичка партија, одговори потврдно. Посочи дека трае процесот на нејзиното формирање, но не одговори директно дали може да се очекува учество на таа партија на претстојните парламентарни избори закажани за мај годинава.

-Во постапка сме да им покажеме на граѓаните дека може поинаку од овие изминати 30 години кога овие две политички елити само си ги менуваат позициите, а остануваат со истите ставови и едвај чекаат да ја зафатат фотелјата и да продолжуваат да го прават истото против кое претходно кажувале дека ќе се борат. Да им укажеме на нашите граѓани дека некој може да дојде и да работи поинаку. Сѐ додека се прават работи за задоволување на индивидуалните потреби на некој од политичарите од оваа корумпирана политичка елита, нема да има напредок. Ако можам јас сама како индивидуалец да покажам дека може поинаку, верувам дека со сите луѓе кои ме поддржуваат, а голема е бројката на тие граѓани, ќе можам да покажам многу повеќе, вели Арсовска.

Таа не посочи дали се гледа себеси како лидер на таа политичка партија, ниту дали имиња кои претходно биле дел од политичката сцена, би биле нејзини членови.