Арсовска и Брнз со поддршка на кампањата за борба против ракот на дојка (ФОТО)

Денеска во градскиот парк, во организација на Здружението „Борка – За секој нов ден“, во соработка со најголемата европска алијанса на пациентски здруженија „Think Pink Europe“, се одржа настан, како дел од кампањата за борба против ракот на дојка. Идејата е да се подигне јавната свест и да им се даде поддршка на сите лица кои се соочиле и кои се соочуваат со оваа подмолна болест, за да се испрати јасна порака за важноста на раната дијагноза.

– Ја поздравувам инцијативата на здружението „Борка – За секој нов ден“ и нивната несебична поддршка и помош на сите жени кои се  соочиле со оваа болест. Јас сум една од тие жени кои ја добила битката со ракот и посакувам сите да го победат. Но, не секогаш е така, па затоа сакам да упатам порака дека најважни се редовните прегледи и раното откривање на болеста. Болеста не прашува за години и пол. Кога јас се соочив со болеста, бев многу млада, но сепак со единствена мисла дека морам да победам. Колку и да е тешко кога ќе дознаете, најважно е брзо соочување и борбата со болеста. Никако не смее негативните емоции да надвладеат, иако е многу полесно ова да го слушнете отколку кога ќе се соочите. Сепак, најважна е поддршката. Jас имав поддршка од целото семејство и oд сите пријатели. Затоа и јас несебично ја давам мојата поддршка и секогаш сум отворена за сите кои сакаат да разговараат со мене за ова“ – изјави Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на град Скопје.

На настанот беше присутна и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, која се фотографираше со Арсовска.

Пациентите од рак не смеат да бидат заборавени поради пандемијата и секој од нив заслужува персонализиран пристап на терапија, достапност на најсовремените иновативни лекови и навремена терапија. Тоа е главната порака од овој настан.