Арсовска никако да разбере – на скопјани им треба функционален и одговорен лидер

Интегрално соопштение од ВМРО-ДПМНЕ:

Данела Арсовска не само што неуспешно се справува со градските проблеми, никако да сфати дека не е важна и дека никој не и верува.

Граѓаните на парламентарните избори на 8 мај на Арсовска јасно и дадоа црвен картон.

Секој збор на Арсовска претставува само бесмислена апстракција и празно ветување.

Изгледа дека реформите се случуваат само во нејзината глава, таму автобусите пристигнуваат на време, граѓаните се среќни, а нејзините извинувања звучат искрено. Во меѓувреме, граѓаните продолжуваат да чекаат. Чекаат автобуси. Чекаат решенија. Чекаат да замине.

Арсовска да престане да се крие позади Град Скопје, бидејќи она што е невидливо во оваа нејзина конструкција е тоа што 500 вработени во Град Скопје секој ден се жалат на нејзиното водство.

Град Скопје не е нејзин личен инструмент за утеха на нејзините лични фрустрации.

Ова што го прави Арсовска е само драматизација. Арсовска се уште не може да го разбере главниот проблем – на скопјани им треба функционален и одговорен лидер, а не лидер со политичка импотенција.

Претходно Арсовска преку соопштение му се обрати на премиерот Мицкоски, посочувајќи „Ако јас сум кума на хаосот, ти си гробарот на јавниот превоз!

„Реформата на јавниот сообраќај која ја споменуваш “патриоту” Мицкоски, ти ја вети заедно со мене пред скопјани, ти ја саботираш таа реформа, ти го колабираш со своите полтрони советници јавниот превоз. 

Мицкоски, ти не гласаш за нови автобуси затоа што побарав сите партии во советот на Град Скопје да се вклучат во избор на спецификација и услови за набавка, ама така ти “патриоту” Мицкоски нема да можеш да преговараш со производители на автобуси како што правеше на почетокот на мандатот кога за тебе бев најдобриот менаџер во Европа.

Ајде “патриоту” Мицкоски одлучи се, или сум јас најдобриог менаџер во Европа кој ТИ со твоите мицковистички полтрони во советот го саботираш, или сум најлошиот градоначалник кој е ТВОЈ избор, градоначалник кој ТИ го молеше да го поддржиш на избори бидејќи твоите кандидати не ти се допаѓаа и не ти биле доволно градски луѓе.

“Патриоту” Мицкоски, се што разбра јавноста за тебе во овие изминати години е дека не може да ти се верува, исто како за враќање на името на Македонија, исто како за уставобранителите, исто како и за набавката за нафта за ЈСП која преку твојата директорка Богева ја поништи, за да креираш криза од која сега ќе не спасуваш!“, реагираше Арсовска.