Арсовска: Парите што Шилегов ги планираше за луксузни канцеларии ќе бидат наменети за развој на младите

На денешната заедничка прес конференција на кандидатот за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска заедно со новоизбраниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски го претставија проектот за создавање на Центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ компании во Аеродром.

Според Арсовска, создавањето на овој центар е приоритетно и затоа средствата што досегашниот градоначалник ги планирал за создавање нови луксузни канцеларии за себе, ќе бидат наменети за реновирање на простории и создавање што подобри услови за развој на младите луѓе.

-Денеска сме на оваа локација од каде сакаме да ја споделиме нашата визија за модерно Скопје. Ова е една заедничка заложба на оваа површина да биде идниот центарот што ќе има за цел да работи на градење на ИТ потенцијалите, особено на територијата на Општина Аеродром меѓутоа и центар којшто ќе биде посветен на најбрзо растечката индустрија во градот Скопје, кој ќе овозможи за младите скопјани да имаат дом каде ќе можат да работат на  своите проекти. Ова ќе биде едно значително решение за градот Скопје и верувам дека со оние средства кои од градоначалникот во заминување беа планирани за купување на луксузни канцеларии за него, сега во овој случај дел од тие средства ќе бидат наменети за овој ИТ хаб во којшто ќе имаат можности сите млади луѓе да ги реализираат своите потенцијали во делот на софтверски инженеринг, да работат на својата надградба и наобразба. Сето она што сакаат да го направат и кои функционираат во најбрзо растечката индустрија во светот, ќе можат да го реализираат со поддршка на град Скопје. Моја искрена желба и голема радост е по заземањето на следниот 4-годишен мандат како градоначалник на Скопје, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, да овозможиме сите овие нови идеи и визии кои ги имаат младите луѓе да се реализираат. Ќе бидеме посветени на тоа да им се дозволи исполнување на нивниот потенцијал, а едновремено ние ќе бидеме тука за нив и да им ги овозможиме најдобрите услови за тоа”, истакна Арсовска.

Со овој проект ќе се реновира објектот што е во владение на општината и каде ќе биде сместен ИТ центарот за развој на младите луѓе во сферата на информациските технологии. За новоизбраниот градоначалник на Општина Аеродром со овој проект општината ќе стане центар за иновации и за претприемништво на територијата на Скопје.

-За сите оние на кои им е потребна институционална и финансиска поддршка за да ги развиваат своите идеи, Аеродром ќе стане центар за иновации и за претприемништво на територијата на Скопје. Ние сме навистина горди што е препознаена специфичноста на нашата општина од гледна точка на демографија и да им ветиме на граѓаните дека откако формално-правно ќе ги преземеме обврски, нашиот тим составен од квалитетни луѓе посвето ќе работи на тоа. Влегуваме со многу позитивна енергија и ветуваме дека уште веднаш ќе се почувствуваат промените кои ги најавивме во текот на кампањата и ќе бидеме какви што бевме во кампањата – фокусирани на проектите и на развојот, истакна Муцунски.