Арсовска: Политичарот инвестира во канцеларии и во својата фотелја, а менаџерот инвестира во иднината на своите сограѓани

Наместо да потрошиме 11 милиони евра за нови луксузни канцеларии за градоначалникот во заминување, овие 11 милиони евра ќе ги вложиме во иднина младите.  Дел од тие средства ќе ги намениме за реновирање на дел од старата касарна во Аеродром и во соработка со општина Аеродром ќе ја направиме центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ компании.  Ќе финансираме реновирање на овој центар  каде младите ќе имаат можност да ги надградат своите вештини и да градат кариера во најбрзо растечкиот сектор во земјава.  На овој начин ИТ старт-апите ќе имаат свои канцеларии,  а младите ќе имаат нови можности за развој, изјави независната кандидатка за градоначалник на Скопје во своето обраќање пред скопјани вечерва пред Филхармонија.

Според Арсовска, ова е разликата помеѓу  менаџер и политичар.  Политичарот инвестира во канцеларии и во својата фотелја, а  менаџерот инвестира во иднината на своите сограѓани.

„Лицата кои имаат желба да се едуцираат во областа на софтвер и програмирање, во ИКТ индустријата како најбрзо растечка и најдобро платена индустрија, ќе имаат поддршка од градот Скопје.  Скопје и скопјани заслужуваат повеќе. Ние сите заслужуваме град каде младите ќе имаат можности, ќе имаат успешни кариери, меѓутоа и каде градоначалникот им служи на граѓаните, а не обратно“, додаде Арсовска во своето излагање.