Арсовска преку отворено писмо го моли Мицкоски да ги вразуми советниците да гласаат за набавка на нови автобуси

Во име на граѓаните на градот Скопје и во име на вработените во градската администрација и претпријатијата под надлежност на градот Скопје ви испраќаме отворено писмо со надеж дека на овој начин ќе ја разберете и поддржите потребата од стабилизирање на состојбите во главниот град кои благодарение на непринципиелните политики беше нарушена во претходниот период, пишува во отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

„Како претседател на Владата на Република Македонија и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ве повикувам и Ве замолувам да внесете разум во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Вашата коалиција во Советот на Град Скопје. Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 лица чие единствено политичко делување е преку деструкција, блокади и политички манипулации.

Граѓаните на градот Скопје не смеат да бидат жртви на политичките амбиции на поединци од Советот на Град Скопје. Недозволиво е скопјани да чекаат автобуси по еден час на екстремни температури, недозволиво е учениците да немаат превоз, а уште пострашна е најавата на министерката за образование и наука дека нема намера да го исплати долгот за бесплатниот превоз на студенти и средношколци кон ЈСП, со намера и да го прекине овој проект.

Како Влада со големо владеачко мнозинсво имате начин и капацитет, а сакам да верувам дека имате и политичка волја да ги исплатите долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, КХС од 2.5 милиони евра, но и кон ЈП Дрисла на кој само Клинички центар му должи 1 милион евра, како и долговите кон ЈП Водовод и Канализација кои се бројат во милионски суми.

Ве замолувам, како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направите вие. Набавете автобуси за главниот град. Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката.

Апелирам до Вас, личните недоразбирања да не бидат причина за блокада на главниот град, а на штета на граѓаните на градот Скопје.

Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда на 4-ти септември на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот. Предлагам условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да го предложите Вие како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а да го предложите преку Вашите советници во Советот на Град Скопје. Јас сум подготвена како и до сега, да ги прифатам Вашите барања и услови, со една цел – подобар живот на граѓаните на градот Скопје“, му пишува Арсовска на Мицкоски.