Арсовска: Шилегов го почнал мостот на булевар АСНОМ без план, има над 150 нерешени имотно-правни односи

Шилегов почнал да го гради мостот на булевар АСНОМ без никаква визија и план кога тој ќе заврши и како ќе се поврзат двете страни затоа што постојат нерешени над 150 имотноправни односи, информираше градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска одговарајќи на новинарски прашања по денешната конститутивна седница на ЗЕЛС на која беше избрана за претседателка.

– Што се однесува до мостот моето објаснување беше јасно и концизно, некој почнал да гради мост без да има решено над 150 имотноправни прашања од кои голем дел се влезено во спорни побарувања измеѓу физички и правни лица кои немаат врска со градот, односно нешто кое граѓаните прво треба меѓу себе да го разрешат па да се пристапи кон експропријација, рече Арсовска.

Таа посочи дека проектот ќе се реализира, но за динамиката не може да се гарантира затоа што Шилегов почнал проект кои не знаел како ќе го реализира.

– Мостот ќе се доврши, но во оваа фаза треба да се потрудиме да се решат овие имотноправни спорови кои во овој момент ги има на лице место, за тој да биде поврзан. Не е проблем изградбата, тој ќе биде изграден. Поврзувањето од двете страни е нешто кое што има повеќе имотноправни спорови. Треба да се знае дека некој го почнал без да има јасна цел и визија и да знае за колку време ќе биде реализирано, потенцираше Арсовска.