Арсовска: Скопје се соочува со нерамномерен развој, центарот пренатрупан а приградските населби немаат основни услови за живот

Главниот град се соочува со нерамномерен развој, при што централното подрачје е пренатрупано, додека во приградските населби отсустуваат основните услови за живеење, истакна во четвртокот на редовната прес конференција на кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, на која која  претстави нов проект од нејзината програма.

„Во 21-то век не смее да има цели населби и населени места во главниот град без основни потреби и услови за живот. Скопје се соочува со нерамномерен развој. Додека центарот на градот и урбаните населби се пренатрупани со гужва, приградските населби немаат основни услови за живот. На само 7 до 8 километри од центарот на градот има десетина населби во кои, во една нема редовна и чиста вода, во друга нема канализација, во трета нема игралишта за децата, во некоја нема тротоари и асфалтни улици, во друга нема автобуска линија. Затоа, предлагаме и веднаш ќе се зафатиме со реализирање на еден од основните проекти од мојата програма – Скопје без заборавени населби. Градот ќе изгради нова и посебна програма за сите заборавени населби. Волково, Арнакија, Даме Груев, Маџари, Топаана, Припор, Шуто Оризари, Горно Нерези, Долно Лисиче, Глумово, Свиларе, Шишево, Идризово, Љубанци и Љуботен, Синѓелиќ, Кондово, Кучково и многу други наши скопски населби ќе бидат еден од врвните приоритети во мојот мандат. Канализација, вода, асфалт, автобуски превоз и игралишта за најмладите мора да има секое населено место во и околу Скопје“, изјави Арсовска

Истакна и дека нема потреба од политички надмудрувања, нема политика во тоа да се направи водовод, канализација, да се овозможи автобуски превоз или да се изгради тротоар. Треба знаење, работливост, компетенции и сигурност.

Како човек, но и како менаџер таа нема да прифаќа објаснувања, ниту сега во кампања, ниту после тоа, како е возможно во 21 век околу 100.000 луѓе во Скопје да не ги добиваат основните услови за живот, а редовно да ги плаќаат своите даноци на државата.