Арсовска: Со кое овластување редарска служба ќе легитимира гости во кафеана?

Во држава во која нема функционален здравствен систем, во која луѓето се вакцинираат од донации и за третирање болести се собираат донации за лекување преку СМС-пораки, министерот за здравство ќе воведува редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, коментира на својот фејсбук-профил Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, откако властите најавија дека од 16 август редарски служби ќе ги проверуваат сертификатите за вакцинација на лицата што ќе учествуваат на настани каде што ќе има 30 гости.

-Како ќе се воспостави редарска служба во правни лица кои ја немаат според систематизација и според кое овластување кој било што не е службено лице ќе легитимира за да утврди дали доказот за вакцинација кореспондира со лицето кое го приложува? Ова ја надмина по иновативност мерката да ве идентификуваат угостителите дали вие и лицата со кои седите на иста маса сте од исто семејство, која не можеше да се спроведе, пишува Арсовска.