Арсовска Томовска го отвори првиот Google семинар во Македонија

На покана на Македонскиот портал за онлајн маркетинг, друштвени мрежи, нови технологии, реклама и SEO – Socialnet.mk, заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, денес го отвори првиот Google семинар во Македонија.

Во своето обраќање пред присутните таа истакна дека Министерството за информатичко општество и администрација и македонската Влада се целосно посветени во промовирањето на ваквите настани, а преку различните програми во министерството и преку Skills проектот на Светската Банка,  кој веќе започна да се реализира преку Министерството за образование и наука, во наредниот период ќе се даде уште поголем придонес преку финансиска поддршка.

„Обезбедени се повеќе од 20 милиони евра за поддршка на старт-апи, спин-офи и комерцијализација на иновации на микро, мали и средни компании. Очекуваме ИТ компаниите и програмерските куќи да бидат меѓу најголемите корисници на овие средства.„- рече Арсовска Томовска.

Таа се осврна и на проектот “Девојките во ИКТ”, а денешниот настан е првиот во низата од четирите настани кои во текот на април ќе се организираат во партнерство со овој проект. Тој има за цел да го подигне интересот кај младите луѓе, особено кај девојките, за кои се смета дека се недоволно застапени во информатиката, а истовремено да ја промовира важноста за започнување на кариера во областа на ИКТ и компјутерското инженерство.

„Денес, благодарејќи на разбирањето на организаторот и на организаторките, кои и самите се “Девојки во технологијата”, овозможивме студентки од македонските ИТ факултети да бидат дел од овој семинар.„- додаде заменик министерката Арсовска Томовска.

Инаку, на денешниот еднодневен прв Google семинар во Македонија учесниците имаат можност да се запознаат со последните тенденции во онлајн маркетингот, рекламирањето и aндроид програмирањето.