Со новиот Закон за општа управна постапка, што треба да стапи во сила од почетокот на следниот месец, ќе има нова реформа во работните процесите на јавната администрација во Македонија. Реформата ќе подразбира граѓаните и компаниите да доставуваат само документи од лична природа, а кои институциите не ги поседуваат.
За ова информира министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска при денешната посета на општина Велес.
Како што појасни таа со новиот Закон се регулира начинот на работата на институциите во однос на обезбедување разни документи коишто им се потребни на граѓаните, а за остварување на нивните права и правни интереси.
Новиот начин подразбира дека граѓаните за остварување на некое нивно право ќе треба да се обратат до институцијата каде што тоа право треба да го добијат, меѓутоа при тоа нема да обезбедуваат докази и документи коишто се барани во постапката, а во нивно име таа работа на размена на документи ќе ја направат меѓусебе институциите. Граѓаните ќе се обратат со барање, а институциите за оние документи што ги имаат, ќе ги приложат, појасни министерката Арсовска Томовска.
Притоа, додаде, граѓаните и компаниите ќе треба да достават само документи од лична природа, а кои институциите не ги поседуваат.
Со ова граѓаните ќе заштедат и време и пари и ќе немаат потреба да одат од шалтер на шалтер, рече Арсовска Томовска.
Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев информира дека општинската администрација се подготвува за примената на новиот закон десетина месеци и оти веќе имаат пракса со електронско издавање дозволи.
Ние сме подготвени се’ она што ќе се бара од локалната самоуправа вклучувајќи ги тука и училиштата токму затоа денеска се тука и директорите на сите институции кои се под локална самоуправа на средба со министерката, а со цел да ги запознаеме за овој процес и максимално да се вклучиме во она што треба да го работиме, а што и досега сме го работеле, потенцира Чадиев.