
За одржувањето на зеленилото во општината долго време не може да се најде соодветно решение. Подобрување на инфраструктурата е сегмент што премногу ги засега жителите. Недостатокот на паркинг места е реален проблем за кој што аеродромци бараат итно решение. Изградба на сервисни улици е проект што никако да започне. Детални урбанистички планови за населените места во населбите нема ни на повидок, а урбанизација се одвива само онаму каде што постои интерес за нови згради. Реконструкција на здравствени установи и изградба на ново училиште и градинка во моментов е приоритет.
Вака Данела Арсовска, независен кандидат за градоначалник на Скопје, ја „виде“ скопската општина Аеродором, на денешната средба со граѓаните, ден пред почетокот на изборната кампања.
– Сметам дека оваа скопска општина за да го задржи епитетот на урбано, модерно и современо место на живеење, нејзиното раководство мора да започне со видливи промени, со стратешки решенија и концепти за реални проекти што на долгорочен период ќе донесат трајни солуции. Се залагам за тоа да се работи чесно и во интерес на барањата на жителите и јас ќе бидам првата што ќе започне вистински да ги воведува граѓаните во системот на креирање стратегии што ќе овозможат подобар живот за сите нас – изјави Арсовска.
Аеродром се смета за релативно млада општина, со поголем процент на помладо население, но нивното учество во креирање на политики од интерес за заедницата е на незадоволително ниво. Арсовска изјави дека една од нејзините главни цели како иден градоначалник на Град Скопје е и младите жители да бидат задоволни од понудата на проекти, мерки и политики за нив.
– Да не дозволуваме повеќе нивниот одлив надвор од нашите граници да расте – рече таа.