„Да ги броеја повеќе милионите што ги украдоа и да не ги крадеа СДСМ и оваа Влада предводена од СДСМ и ДУИ можеби поинаку ќе беше ситуацијата во државава и ќе немаа потреба да бројат луѓе на протести. Фактите се сосема поинакви, фактите се дека навистина сериозна бројка на народ можеби и еден од најголемите, ако не и најголем протест изминативе години и децении. Еве бидејќи многу милуваат да земаат репрезент од надворешни медиуми може слободно да ги прелистаат еминентните надворешни медиуми дали од соседството, дали од странство од подалечните земји ќе видат дека и таму исто се калкулира со бројки од над 70-80.000 граѓани. Но, и многу едноставно го имаат Оливер Спасовски кај нив во партија и може слободно да го прашаат колку биле проценките на неговите колеги преку safe city системот каде што истиве бројки се потврдуваат“, истакна Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во утринска емисија на радио „Лидер“.
Арсовски додаде дека дали биле околу 70.000 или 80.000 граѓани не е важно, најважно е дека сите тие граѓани бараат предвремени парламентарни избори.
„Се гледа очајот на СДСМ, наместо да ги бројат луѓето на протестот дали се 10-15.000 или пак 100.000 можеа да бројат колку е инфлацијата и колку им се покачени основните намирници за живеење“, појасни Арсовски.
Тој посочи дека на СДСМ не му оди добро со броењето ниту со колку граѓани биле на протестот, ниту пак колку пари чинел истиот протест.
„Еве, да направиме една компарација, возниот парк на Заеви чини над пет милиони евра, споредете, тоа е можеби 15-тина пати повеќе од бројката што ја кажуваат колку чинел протестот, а кој што протест и не чинел толку. Мислам дека од што премногу крадат имаат изгубено осет колку е 300.000 евра. Надвор од разумот се бројките кои што ги споменуваат од СДСМ“, порача Арсовски.
„Замислете, секој ден оваа Влада краде повеќе од еден милион евра, а тие говорат за бројки од 300.000 евра кои што пак ќе кажам се надвор од разумот. Само од власта не се занимаваат со главната поента, не искоментираа ниту што ќе направат во врска со економијата, не искоментираа што ќе направат во врска со криминалот и корупцијата, не искоментираа како ќе одговорат на предлогот кој што е од страна на Франција за спорот кој што го имаме со Бугарија. За ништо тоа што е многу важно за нашата држава и за граѓаните на Република Македонија не одговорија, но се фатија за двете најбанални работи за кои што им се смеат и во нивната партија не им веруваат“, заклучи Арсовски.