Граѓаните во Република Македонија гладуваат, економијата крахира, а државата тоне во сиромаштија, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Додека сите економски и социјални параметри одат во негатива на штета на граѓаните и државата, единствено бизнисите и сметките на криминалниот картел на власт од страна на СДСМ одат во позитива и се зголемуваат. Пред неколку дена обелоденивме каде што Зоран Заев потпишува согласност за изградба на хидроцентрала на земјиште со површина од над 7.000 м2 на фирмата на Кочо Анѓушев, „МХЕ Тополки“ каде што неговиот брат е управител. Истовремено реализацијата на капиталните инвестиции до сега е помалку од 1/3. Според сите релевантни извештаи Република Македонија се наоѓа на дното. Бруто домашниот производ е меѓу најниските до сега и најверојатно така ќе остане и на крајот на 2018 година. Ама затоа, додека над 460.000 граѓани секојдневно гладуваат и се гушат во сиромаштија, компаниите и фирмите на блиските околу Заев, како неговиот брат, Кочо Анѓушев и останатите цветаат. Милионските тендери, концесии со марихуана, концесии со ископ на руда, транспорт во РЕК Битола, криминални иновации, крвави тендери делени по роднински врски, набавка на возила од донатори на СДСМ, се само дел од скандалите по кои е познат криминалниот картел на власт, додека граѓаните гладуваат и тонат во сиромаштија, вели тој.
Арсовски прашува: Дали додека граѓаните гладуваат, дебело се зголемуваат сметките на Вице Заев, Кочо Анѓушев и останатите од криминалниот картел на власт?
-Дали е свесен Зоран Заев дека кај граѓаните владее апатија и депресија бидејќи не можат да врзат крај со крај? Очигледно, сите овие работи воопшто и не допираат до криминалниот картел на власт и ним им се важни единствено личните богатства и сметки. Ние предупредувавме уште од самиот почеток дека овој криминален картел и овие луѓе кои што се во власта на СДСМ немаат чесни и искрени намери и дека нема да работат за интересот на граѓаните, туку само за нивниот личен интерес. Така да, уште еднаш ги повикуваме што побрзо се повлечат од власта и од функциите, толку ќе биде подобро за граѓаните и државата. Ова апокалиптично сценарио што и се случува на државата под палката на Заев и Анѓушев мора веднаш да прекине. Што побрзо си заминат, толку подобро. На крајот граѓаните и Република Македонија ќе победат, порачува Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.