Арсовски: Мора да има одговорноста за прислушувањето на обвинителите

Секогаш кога СДСМ е на власт, во Република Македонија се прислушува. Во Република Македонија во моментов незаконски се прислушува, обвини во петокот Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно на брифинг со новинарите јавниот обвинител Љубомир Јовевски информираше дека во телефонската централа на обвинителството биле откриени два хард диска на кои се снимале разговорите на обвинителите почнувајќи од 30-ти септември 2016 година па до денес

„Институциите и граѓаните по доаѓањето на однародената и криминогена власт се под целосен надзор на (премиерот Зоран) Заев и (министерот за внатрешни работи Оливер) Спасовски. Јавното признание на државниот обвинител е огромен скандал за кој некој мора уште веднаш да поднесе одговорност со оставка. Денеска во Владата на СДСМ, кога СДСМ е веќе година ипол на власт, се соочуваме со скандал за прислушкување кој е премногу сериозен и отвора прашања околу независноста и професионалноста на работењето на Јавното обвинителство. Неколку пати кажавме дека Јавното обвинителство постапува по одредени политички цени. Кој и зошто ги слушал јавните обвинители и ја следел нивната комуникација? Дали на ваков начин се вршело влијание врз предметите и постапките кои се водат изминативе две години, прашува тој.

Арсовски порачува дека ВМРО-ДПМНЕ го осудува секое незаконско прислушување кое ја нарушува приватноста на граѓаните и служи за контрола и закана врз институциите.

„Ова е скандал, којшто мора веднаш да се расчисти и актуелната Влада да сноси одговорност. Отворено се сомневаме дека во моментов не се следат само комуникациите само на криминалните банди поврзани со картелот на власт!  Бараме одговор и од новоформираната ОТА, и од надлежните судови и од ЈО и од УБК дали во моментов функционира системот за следење на комуникациите и дали воопшто се постапува барем по една наредба од надлежните органи за документирање на криминалитие на мафијашките кланови? Дали се што се слуша и следи во моментов е нелегално? Дали образложението за неследењето на криминалните банди е дека има одредени потешкотии? Конечно, кој ќе сноси одговорност од СДСМ и од власта и за овој скандал со прислушување? За вакви снимки зборуваше и градоначалникот на СДСМ од Демир Хисар кој јавно се закани дека ги прислушува вработените во општината“, вели Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека секогаш кога се случува скандал со нелегално прислушување, се замешани кадри од СДСМ.

„Така беше и со аферата „Големото Уво“, така беше и со бомбите кои ги пушти во оптек СДСМ, еве и сега кога СДСМ е на власт се случува нов скандал на нелегално прислушување.       Одговорност од власта и од СДСМ мора да има и тоа мора да има уште веднаш“, порача Арсовски.