Арсовски: Владата за 11 милиони денари набавува води, сокови, чаеви и колонијални производи

На оваа Влада предводена од СДСМ воопшто не им доаѓа ум во глава. Замислете, пред само неполн месец беа главна тема за непродуктивни трошења и луксузирање, а сега повторно гледаме дека во ек на сериозна економска криза која што граѓаните сепак највеќе ќе ја чувствуваат на своја кожа, трошат повторно милиони денари на непродуктивни работи. Службата за општи и заеднички работи на пример на 23-ти март склучиле договор за набавка на води, овошни сокови и чаеви, во вредност од дури 7 милиони денари, потоа на 29 март склучиле договор за набавка на колонијално-прехранбени производи и пијалаци во вредност од 3.8 милиони денари, истакнува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„За пијалаци и колонијални производи даваат 11 милиони денари во време на криза, а велат дека штеделе. Не, штедат ништо, напротив, продолжуваат со своето луксузирање. Граѓаните живеат во сериозна инфлација, поскапи секој можен продукт и производ во маркетите и тоа го чувствуваат на сопствена кожа, горивата се превисоки, а платите и пензиите и понатаму не можат да ги издржат сите овие потреби на граѓаните. Она што е најлошо, најжалосно и најразочарувачки е што оваа Влада буквално ништо не презема за да им помогне на граѓаните да ја пребродат оваа криза. Очигледно е, оваа Влада може да се откаже од сѐ, буквално од сѐ! Може да се откаже од било кој национален интерес или било што друго,  но не може да се откаже од сопствениот луксуз во владата и не може да се откаже од непродуктивните трошоци“, обелодени Арсовски.

Според информациите кои ги објави портпаролот, Владата ќе потроши над 150.000 евра на пијалаци и колонијални производи.

„Пред само некое време, неполн месец, обелоденивме дека дури 2 милиони евра непродуктивни трошоци биле потрошени за луксузирање на владава и еве ги сега не прекинуваат и продолжуваат со истите тие непродуктивни трошоци. Над 150.000 евра на пијалаци и колонијални производи. Претходно видовме дека иако знаеле дека ќе има криза, трошеле на мебел, перење автомобили, луксузни храни, цвеќиња, кафиња, и тоа преголем број на кафиња, хотелски услуги и се останато.  Сега гледаме дека немаат намера да прекинат со било какви набавки за непродуктивните трошења. Наместо капитални проекти, луксуз и непродуктивни трошоци. Толку треба да се знае за владата предводена од СДСМ“, порача Арсовски.