Арсовски: Заев и Рашковски ги бираат новите кандидати за судии и обвинители

Во овој момент, додека се држи оваа прес конференција се случува еден од најголемите скандали во историјата на македонското правосудство. По рецептот на Владите на СДСМ од 90-тите години, кога се избираа по 500 судии во еден ден, актуелниот конкурс за избор на кандидати за судии и обвинители во Академијата за судии и јавни обвинители е под директна контрола на двоецот Заев – Рашковски, обвинува портпаролот на ВМРО-ДМПНЕ, Димче Арсовски.

-Заев и Рашковски имаат за цел да изберат 60 судии и јавни обвинители, кои претходно самите си ги одбрале во канцеларии. Со доаѓањето на власт на Владата на СДСМ електронското полагање на испити е префрлено во просториите на Правниот факултет во Скопје, каде што во овој момент полагаат потенцијалните кандидати за судии и јавни обвинители. Истиот тој факултет е поранешното работно место на генералниот секретар на владата. Фирмата која го спроведува ова полагање е поврзана со двоецот од владата Заев – Рашковски. Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ, двоецот Заев – Рашковски преку системитизирана методологија влијае врз електронските резултати на кандидатите, а во текот на вчерашниот ден неколку лица директно поврзани со Заев, Рашковски и СДСМ оствариле нетипично високи резултати. Толку високи резултати досега не се постигнати откако постои Академијата. Затоа го повикуваме Рашковски, го повикуваме и Заев да одговорат, а конкретно Рашковски дали бил и што правел на Правниот факултет, во текот на неговото работно време во Владата, токму во моментот кога полагале кандидатите блиски до него и СДСМ, прашува Арсовски.

Тој ја повика и министерката за правда, Рената Дескоска да одговори дали е свесна што се случува во нејзиниот ресор?

-Дали е свесна дека една од ретките светли точки на македонското правосудство пред Европските институции има селективен процес воден од кадровската Комисија на СДСМ? Дали е свесна министерката Дескоска за се погласните информации за земено мито за обезбедување на високи резултати од страна на двоецот Заев – Рашковски? Бараме итна реакција од јавното обвинителство, кое по допрен глас треба уште веднаш да изврши електронска форензика и да испита како се постигнати историски високи резултати на тестовите од лицата кои се директно поврзани со двоецот Заев – Рашковски и со СДСМ.