На Министерството за внатрешни работи поважно му е дали на граѓаните маската им е под нос или закачена само на едното уво за веднаш да ги казнат, а воопшто не им е важно кој поседува и носи со себе пиштол, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски во врска со денешниот инцидент во центарот на Скопје, пред поранешната Градска болница, а претходно и во селото Батинци.
„Откако дојде СДСМ на власт изминативе години гледаме само филмски пукотници низ центарот на Скопје и граѓаните не се чувствуваат воопшто безбедно. Секој што си зема за право да носи пиштол во себе, се повикува на блискоста со власта и станува опасен за околината, што денеска се виде и во самиот центар на Скопје“, истакна партискиот портпарол.
Според него, голем е сомнежот дека власта крие нешто, бидејќи нејасни биле информациите за денешниот настан.
„Прво очевидци за медиуми брифираа дека лице со пиштол се заканувало и пукало пред болницата, за потоа експресно МВР и директорот на болницата од СДСМ, да демантираат дека немало никакво пукање пред Градската болница, а за што сепак сведочи и автомобилот и пиштолот кои се најдени на паркингот“, нагласи Арсовски.
Останува нејасно зошто полицијата ги крие овие информации од граѓаните, но дека тоа можеби укажува оти се работи за лица кои се блиски до структурите на власта.