Артан Груби, поранешен вицепремиер во владата на СДСМ и ДУИ, како и Енвер Беџети, судија на Апелациониот суд во Северна Македонија, се ставени на „црната листа“ на Соединетите држави.
„Согласно членот 7031(в), Стејт департментот јавно ги назначува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност на Северна Македонија и Контраразузнавање (УБК). Мијалков беше прогласен за виновен во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а OFAC го санкционираше според Е.О. 14033. Како дел од оваа акција се назначени и членовите на потесното семејство на Груби“, се наведува на веб-страницата на американската дипломатија.
„Денешното именување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се впуштаат во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок“ , се вели во соопштението.
Мијалков, исто така, беше означен од Стејт Департментот за значителна корупција во 2022 година.
Од Стејт Департментот додаваат дека означени се и членовите на најблиското семејство на Груби.
Во ноември 2023 година, судијата Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје, за кого Судскиот совет отиде во контрола и утврди дека 9 месеци го чувал предметот на Мијалков „Тврдина-Таргет” за да застари, помина само со парична казна. Судскиот совет по поведена дисциплинска постапка, одлучи да го казни Беџети 20 отсто од платата во наредните 6 месеци.
Истовремено, амбасадата на САД во Скопје со соопштение ги објави новите имиња на „црната листа“, а пораката која му ја испратија на Артан Груби се чини е повеќе од директна:
Политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира, напиша во официјален статус амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, по објавата дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети се новите две имиња на црната листа на Стејт департментот.
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучуваат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок“, истакна амбасадорката Агелер.