Триесет ипетгодишниот чилеански фудбалски репрезентативец Артуро Видал му се приклучи на бразилскиот великан Фламенго откако последните 15 години ги мина во Европа.
Видал во текот на претставувањето пред навивачите на бразилскиот клуб изјави дека негова голема желба е да го освои Копа Либертадорес, јужноамериканскиот пандан на европската Лига на шампионите.
„Тоа е мојата прва желба. Поради тоа сум тука во Фламенго“, рече играчот од средината на теренот.
Видал во редовите на Фламенго дојде од милански Интер чиј дрес го носеше последните две години, а претходно играше и за Барселона, Јувентус, Баерн Минхен, Баер Леверкузен и чилеански Коло-Коло.
Во кариерата освои 17 клупски трофеи, додека со репрезентацијата на Чиле двапати беше првак на Јужна Америка, во 2015 и 2016 година. За Чиле впиша 133 настапи во кои постигна 32 погодоци. Само четири играчи имаат повеќе настапи за чилеанската селекција, а на врвот е Алексис Санчез со 148 натпревари.
Фламенго моментално е седми во бразилската лига, седум бодови зад водечкиот Атлетико Минеиро, а во август го очекува четвртфиналето во Копа Либертадорес против Коринтијанс од Сао Паоло.